Банките наголемо нудат станбени кредити

Bez autora
Feb 19 2015

Станбените кредити се нудат наголемо, а и граѓаните се многу заинтересирани за нив, е малку послободната констатација што би можела да се извлече од најновата анкета за кредитната активност на банкарскиот систем во земјава, која се однесува на четвртиот квартал минатата година. Со анкетата се опфатени 14 банки, при што сите банки доставиле одговори до монетарните власти. Трендот на олеснување на кредитните услови кај секторот „население“ продолжил, се наведува во анкетата, а олеснувањето било особено нагласено кај станбените кредити, и тоа најголемо регистрирано од почетокот на спроведувањето на оваа анкета, во 2006 година.

Банките наголемо нудат станбени кредитиСтанбените кредити се нудат наголемо, а и граѓаните се многу заинтересирани за нив, е малку послободната констатација што би можела да се извлече од најновата анкета за кредитната активност на банкарскиот систем во земјава, која се однесува на четвртиот квартал минатата година.

Со анкетата се опфатени 14 банки, при што сите банки доставиле одговори до монетарните власти.

Трендот на олеснување на кредитните услови кај секторот „население“ продолжил, се наведува во анкетата, а олеснувањето било особено нагласено кај станбените кредити, и тоа најголемо регистрирано од почетокот на спроведувањето на оваа анкета, во 2006 година.

Подобри услови имало и за земање на потрошувачките кредити, иако помало споредено со станбените кредити.

А, според анализите, најзначајно било олеснувањето во делот на каматните стапки. „Имено, и во четвртиот квартал на 2014 продолжи трендот на олеснување на каматната стапка на станбените и потрошувачките кредити, и тоа со најголем интензитет од почетокот на годината. Ова беше особено нагласено кај станбените кредити“, велат од НБМ.

Она што е интересно, во однос на станбените кредити, банките во последниот квартал пријавуваат олеснување и на условот поврзан со покриеноста на кредитите со обезбедување, кој во основа беше непроменет во последните пет години. Значи, има полесни услови во поглед на имотите што треба да се стават под хипотека за граѓаните за да добијат станбен кредит. Олеснување има и кај провизиите што ги наплатуваат банките, покажала анкетата.

Конкуренцијата од други банки и понатаму останува фактор кој најмногу влијае за олеснување на условите, и тоа најмногу важи за потрошувачките кредити. Подобрување е забележано и кај очекувањата за вкупната економска активност.

Побарувачката за кредити за население, пак, била умерено зголемена. Во наредниот период се очекува натамошно зголемување на кредитната побарувачка од населението, но со помал интензитет.

Кога станува збор за кредитите за претпријатијата, централната банка од анкетата заклучила дека во делот на кредитната политика на банките, во последниот квартал од минатата година, е забележано во просек минимално заострување. „Сепак, најголемиот дел од банките и натаму, што е шести квартал по ред, се со оценки за непроменети кредитни услови, што е позитивен показател за постепено стабилизирање на кредитната понуда кон претпријатијата“, се вели во извештајот од НБМ.

Исто така, анкетата покажала дека се забележува натамошно зголемување на побарувачката на корпоративните кредити, со посилна динамика споредено со претходната анкета. Очекувања, пак, за првиот квартал од годинава се дека ќе има подинамично олеснување на кредитните услови, во услови на натамошно интензивно зголемување на побарувачката.

Конкуренцијата од другите банки и ликвидносната позиција на банката и натаму се фактори кои придонесуваат за олеснување на условите. „Во однос на факторите поврзани со согледувањата на банките за ризикот, она што е значајно за оваа анкета е што се забележува одредено подобрување кај очекувањата за вкупната економска активност, така што за првпат по првиот квартал на 2010 година, овој фактор делумно придонесува за олеснување на кредитните услови на нето-основа“, се вели во извештајот.

А фирмите, пак, имаат потреба од кредити, па во последниот квартал на 2014 се забележува натамошно зголемување на побарувачката на корпоративните кредити. Во наредниот период, банките очекуваат натамошно зголемување на побарувачката на корпоративните кредити.

Притоа, компаниите најмногу бараат кредити за инвестиции во резерви и обртен капитал, како и за преструктурирањето на долгот, што би значело да се земе кредит со нови услови, за да се врати стариот. А заеми се барале и за инвестиции во основни средства, што се всушност најважните инвестиции бидејќи се во машини и опрема, но тоа било помалку од другите намени.

Градежниците најавуваат големи попусти за становите

Проектот на Министерството за финансии „Купи куќа, купи стан“ ќе биде партнер на годинешниот Саем за градежништво, градежни материјали и градежна механизација, кој ќе се одвива од 3 до 7 март на Скопски саем.

„На саемот ќе учествуваат голем број градежни компании, кои ќе понудат попусти на станови кои ќе достигнат и до неколку илјади евра и ќе важат само за саемските денови“, соопшти денеска Министерството за финансии.

Проектот „Купи куќа, купи стан“ на Министерството за финансии продолжува со организација и учество во саемски активности, бидејќи на тој начин на граѓаните им се обезбедува целосна информација на едно место. И на овој саем, граѓаните освен што ќе можат да се запознаат со понудата на станови, да разгледаат понуда на градежни материјали за изградба на куќа, ќе можат и да се информираат од луѓето од Министерството за финансии како да аплицираат за проектот „Купи куќа, купи стан“.

Ocenite tekst
Komentari
Prikaži više 
 Prikaži manje
Ostavite komentar

Prijavite se na Vaš nalog


Zaboravili ste lozinku?

Nov korisnik